сабота, 2. декември 2023. Вести денес: 0
home Живот и стил

Не е само рефлекс, бебињата вистински се смеат

Не е само рефлекс, бебињата вистински се смеат

Едно од најубавите чувства е кога бебе ќе ве погледне и ќе ви се насмее. Сепак, постои верување дека насмевката на бебињата не е вистинска, туку е само рефлекс.

„Премногу се мали за да знаат што значи тоа“ – ова сигурно сте го слушнале многу пати.

Сепак, науката вели поинаку. Доктор Емесе Наги која ја истражува психологијата на бебињата на Универзитетот Данди, спроведе неколку испитувања и откри дека има бројни докази дека бебињата вистински се смеат.

„Има знаци дека насмевката на бебето навистина е искажување на позитивни емоции на некаква содржина. За нас, луѓето кои се занимаваме со истражување на бебињата, тоа дефинитивно не е само рефлекс“, изјави таа за порталот Conversation.

Доктор Наги објаснува дека многу луѓе не веруваат дека детската насмевка е вистинска бидејќи бебињата не размислуваат. Тоа мислење го делат и некои научници и го поткрепуваат со објаснување дека насмевките на бебињата не се „вистински“ бидејќи не ги вклучуваат мускулите околу очите, туку само околу устата.

Меѓутоа, доказите на доктор Наги покажуваат дека насмевката на бебињата е иста како и кај возрасните луѓе.

„Бебињата често ги мрдаат образите и веѓите пред да се насмеат, а тоа значи дека се фокусирани на лицето или на предметот пред себе. Според тоа, сосема е возможно дека навистина се смеат со причина“, вели таа.

Друг доказ што е во прилог на нејзиното мислење е дека бебињата можат да почувствуваат болка подеднакво силно како и возрасни лица и дека можат да управуваат сами со нивните емоции и потреби.

Повеќето бебиња прв пат се насмевнуваат по неколку недели од раѓањето, а кај некои тоа е забележано во првите 36 часа од раѓањето.

„Првите насмевки се всушност реакции на галењето на обравчето или стомакот, а може да ги поттикнат и слатки мириси и вкусови“, објаснува доктор Наги.

Насмевката најчесто е одговор на љубовта на возрасните кон нив и нежноста што ја чувствуваат.

„Помалку е веројатно дека бебето ќе се насмее ако претходно плачело. Но, децата имаат неверојатна способност да управуваат со однесувањето на нивните родители. Често ве гледаат директно во очи, трепнуваат и се насмевнуваат, а потоа и родителите се насмевнуваат, што тие го сметаат за награда“, додава доктор Наги.

Исто така, децата повеќе се смеат кога се будни и во интеракција со некого, отколку кога спијат, што значи дека нивната насмевка има поента и не е случајна.