Петардите се составен дел од новогодишните прослави, но тие не само што се опасни за луѓето, туку предизвикуваат стрес и кај домашните миленици. Истражувањата покажуваат дека дури 5.000 кучиња и мачки годишно умираат од стрес предизвикан од пукањето петарди и од звукот на огнометите.
Стравот предизвикан од звуците на петардите и останатите пиротехнички средства кај кучињата и мачките се вика помпофобија. Домашните миленици природно имаат поразвиен слух за разлика од луѓето и затоа тие ваквите гласни звуци ги доживуваат многу поинтензивно отколку луѓето. Оттука, петардите и огнометите кои се дел од новогодишните прославувања можат да бидат страшно искуство за нив. Истражувањата покажуваат дека дури 49 проценти од кучињата имаат некаков вид страв од силни звуци, а само четири проценти од нив закрепнуваат од тоа самите од себе.
За да се ублажи ваквата состојба кај домашните миленици, според препораките на стручните лица, сопствениците треба да почнат да ги учат своите миленици уште од рана возраст на различни звуци. Еден од советите е додека се сè уште мали, да им се пуштаат звуци на огномет, со цел тие да се навикнат на ваквите ситуации и додека се слушаат овие звуци во заднина, сопствениците да играат, да се смеат и да се радуваат заедно со кутренцата.
Клучот е, велат ветеринарите, сопственциите да останат позитивни и да им покажат на кучињата дека ваквите појави се вообичаени.
– Фрлањето петарди е опасно и трауматично за домашните животни. Особено е интензивно за време на новогодишните и божиќните празници и тој период треба да помине без несакани реакции, фобии и трауми. Она што треба да го направат сопствениците е постепено уште од рана возраст да ги навикнуваат своите миленици на различни звуци, вели Елена Влашевска, доктор по ветеринарна медицина.
Таа препорачува сопственците да се обидат да го насочат вниманието на кучето кон друга активност, како што се на пример, неговата омилена игра со топка, јаже или играчка или да му се даде омилената вкусна награда.
– Ако немаме време до празниците да ги навикнеме на звуците од петарди и други пиротехнички средства, треба да се обидеме да бидеме во нивна близина и со својата смиреност да му пружиме одредена сигурност и доколку е можно да му ги ставиме во близина омилените играчки за да му го привлечеме вниманието од останатите звуци, советува Влашевска.
Знаци на страв и вознемиреност кај домашните миленици
Домашните миленици го манифестираат стравот најчесто со вознемиреност, лаење, цвилење и панично трчање, но неретко го гребат и мебелот, почесто вршат нужда и се обидуваат да се скријат. Кога се исплашени, ушите им се поставени наназад, очите им се вџашени, се тресат, забрзано дишат и имаат зголемена саливација – лигавење, намален апетит и паника.
Во тие моменти, велат ветеринарите, не треба да му се вика или да се казнува миленикот бидејќи со тоа само ќе ја влошат ситуацијата. Сопственикот треба да биде смирен и опуштен и својата смиреност да ја пренесе на домашниот миленик.
– Сопствениците прават грешка кога исплашениот миленик го галат и тешат. Со тоа му испраќаат погрешни сигнали. Миленикот тоа однесување (исплашеност, страв и паника) го сфаќа како прифатливо, што долгорочно не е препорачиво и здраво. Исто така, сопственикот прави грешка кога веќе на исплашениот миленик му вика и го казнува. Значи, сопственикот треба да е смирен и опуштен. Домашниот миленик треба да го смести во просторија со познати луѓе, во неговото катче со омилени играчки и зголемен звук на ТВ/радио за да се прикрие вревата која доаѓа однадвор од пиротехничките средства, нагласува Влашевска.
Нејзина препорака е леглото на домашниот миленик да се стави подалеку од прозорци и врати или да се обезбеди сигурно опкружување за да не побегне миленикот во тие моменти на паника предизвикани од звуците од пиротехнички средства.
Со цел да се заштитат домашните миленици од несакани стресови, се препорачува тие да се шетаат рано наутро и да се избегнува вечерното шетање, кога е поголема веројатноста за користење вакви пиротехнички средства.
– Целта е да се намали нервозата која ја чувствуваат домашните миленици во тие моменти, велат ветеринарите.
Пред да фрлите петарда, размислете, на некој може срцето да му запре, додека вие се радувате, порачуваат невладините организации
Здруженијата за заштита на животните веќе почнаа со апели да се внимава при користењето на пиротехничките средства.
– Во пресрет на новогодишните празници веќе започнаа петардите и огномети. Ќе Ве замолиме пред да фрлите, да размислите дека не сте сами на светот. Дека на некој може срцето да му запре додека вие се радувате. #СтопЗаПетардиОгномети, порачуваат од Здружението „Шепасти ентузијасти“.