Успението на Пресвета Богородица е еден од најголемите христијански празници. Овој празник е сеќавањето на Богородица, а верниците го слават на 28-ми август (или по стариот календар на 15-ти), кога завршува постот што трае 14 дена.
Успението на Пресвета Богородица е денот кога Богородица се вознезе на небото и својот дух го предаде во рацете на Спасителот. Легендата вели дека Богородица живеела 60 години, според некои извори 72, дека го надживеала својот син, и како сведок на многу славни настани, ја продолжила својата мисија.
Во Библијата нема информации за крајот на земниот живот на Мајката Божја. Според традицијата и списите, кои немаат свет карактер, се верува дека Богородица живеела во Ерусалим до крајот на својот живот, по смртта и воскресението Христово, опкружена со вниманието на апостолите и првата христијанска заедница.
Самиот збор успение значи заспивање, поинаку кажано, не се слави с мртта, туку вознесувањето на Богородица во небесните живеалишта. Веднаш по нејзиното заспивање, таа е земена на небото во Христовите прегратки, вознесена е заедно со телото и станува прв и најголем застапник на луѓето пред Бога.
Симболиката на овој голем празник е да не се плашиме од смртта, бидејќи таа е само премин од еден живот во друг. Народот верува дека Богородица е заштитничка на леунките и на жените им помага при породувањето.
Исто така и жените кои немаат деца веруваат дека со милоста на Света Богородица ќе добијат рожба, поради што ги посетуваат нејзините цркви, изведуваат некои обичаи, се молат и принесуваат дарови.
Телото на Богородица било положено во гробот во Гетсиманската Градина и врз отворот бил ставен голем камен. Три дена апостолите пееле псалми, а од воздухот се слушало пеењето на ангелите.
На иконите, овој празник обично е претставен со иконографија на креветот на кој лежи Богородица со прекрстени раце на градите. Од двете страни на креветот има свеќници со запалени свеќи.
Пред нозете на Богородица, Св. Петар согорува темјан, светиот апостол Павле и светиот апостол Јован се покрај нејзината глава, а другите апостоли се покрај креветот.
Присутни се и големите христијански писатели Свети Дионисиј Ареопагит, Иротеј и Тимотеј кои го држат Евангелието, а има и жени кои плачат. Над Богородица е Христос кој ја држи душата на Богородица во форма на дете, опкружен со светлина и ангели.
Бидејќи на празникот му претходи двонеделен пост, на 28-ми август, особено жените одат на причест бидејќи овој ден се смета за празник на жените и мајките. Како светица, мајка и сопруга, таа е единствената што ја разбира душата на секоја жена.
Луѓето сметаат дека Успението на Пресвета Богородица ја разбира женската мисла, болка и страдање. Бидејќи Богородица ја разбира женската мака, се смета дека оваа светица простува за гревовите.
Во некои области се верува дека во периодот помеѓу Мала и Голема Богородица, најдобро е да се соберат лековити билки кои третираат разни болести. На овој празник се принесуваат дарови за здравје пред големата икона, а се зема и светена вода.
На овој ден, жените, не треба да работат некоја тешка физичка работа, да не се оптоваруваат во текот на денот и да имаат чисти мисли. Исто така се препорачува да не започнувате некоја нова работа на овој ден.