Диетите со малку јаглехидрати се огромен хит во моментов бидејќи жените ширум светот полудеа по нив. А што се крие зад диетата која ветува топење на килограмите без гладување?
Намалениот внес на јаглехидрати може позитивно да влијае на оние со различни здравствени проблеми, вклучувајќи дијабетес тип 2, срцеви заболувања, Алцхајмерова болест и да помогне да се постигне вита линија.
План за исхрана со малку јаглехидрати и висока содржина маснотии, т.е. диетата LCHF, се промовира како здрав и безбеден начин за слабеење, но постојат и одредени стапици за кои треба да се внимава.
Што е диета LCHF?
Диетата LCHF е заедничко име за повеќе планови за исхрана кои го намалуваат внесот на јаглехидрати, а го зголемуваат внесот на масти. Исхраната со LCHF е ниска со јаглехидрати, богата со масти и умерена со протеини.
Планот за исхрана ја нагласува целата, непреработена храна како риба, јајца, зеленчук и јаткасти плодови со малку јаглехидрати и ги забранува високо преработените, пакувани производи. Додадениот шеќер и скробната храна како леб, тестенини, компири и ориз се ограничени.
За љубителите на месо, млечни производи ова е секако одличен избор, а оние кои го практикувале истакнуваат дека овој начин на исхрана може да го регулира шеќерот во крвта (затоа особено се препорачува за дијабетичари) и значително да ја намали телесната тежина .
Друга предност на оваа диета е што можете да заборавите на калориите, како и на одреден час, но затоа мора строго да ги следите правилата и во никој случај да не посегнувате по забранетата храна.
Бројни студии покажаа дека диетите со малку јаглехидрати и многу масти се ефикасен начин за слабеење. Тие им помагаат на многумина да ослабат со тоа што го намалуваат апетитот, ја подобруваат чувствителноста на инсулин, го зголемуваат внесот на протеини и поттикнуваат губење на маснотии, особено во пределот на стомакот, пишува Healthline.
Шведската диета ги дели намирниците на 3 основни групи:
Дозволени намирници:
– Сите видови месо (свинско, пилешко, јунешко, мисиркино)
– Сите видови риби
– Јајца на сите начини
– Зеленчук кој расте над земја: зелка, кељ, брокула, тиквички, маслинки, домат, спанаќ, печурки, зелена салата, кромид, авокадо, пиперки и слично.
– Млечни производи со висок процент маснотии: јогурт, путер, павлака, кајмак, сирења, грчки јогурт
– Јаткасти плодови: семки од сончоглед, ореви, семки од тиква, бадеми, лешници, индиски ореви, бразилски ореви
Дозволено понекогаш:
– Зеленчук: цвекло, морков, репка и целер
– Овошје: Доволна е една овошка дневно наместо десерт, особено малините бидејќи содржат мали количини шеќер.
– Чоколадо со висок процент на какао (над 70 отсто какао) и тоа еднаш до двапати неделно
– Алкохол: Вино, виски, бренди, вотка, коктели без шеќер и тоа едно до два пијалаци неделно
Не е дозволено:
– Шеќер, сокови, газирани пијалаци, тестo, колачи, мафини, сладолед, торти, мусли и вештачки засладувачи
– Житарки и скроб (леб, ориз, тестенини, компир, чипс, каши, житарки)
– Маргарин и рафинирани масла
– Алкохол, особено пиво
Ако не сте сигурни дали диетата LCHF е вистинскиот избор за вас, побарајте совет од вашиот лекар, особено се мисли на трудници, деца и оние со хронични болести.