Идеалите на нашите предци од 1912 година беа многу јасни, македонска држава како автономија во рамките на Османската империја. Од 1913-та година сите македонски револуционери без исклучок се бореа за обединета Македонија. Не се бореа за Северна Македонија, изјави во емисијата „Во Центар“ на Алфа Телевизија професорот по историја Тодор Чепреганов.
– Најголемиот апсурд е што другите, Британците, Американците, Германците, Французите и сите што престојувале на оваа територија во своите извештаи не пишуваат за Северна Македонија, не пишуваат за Јужна Македонија, туку пишуваат за Македонија. И тоа многу јасно дистанцирана, истакна Чепреганов.
Тој потенцираше дека на многу мировни договори и конференции во минатото Македонија и Македонците не учествувале или биле објект, кога други ја решавале судбината на Македонија, но сега кога сме посебна држава односно субјект и учествуваме во тие работи склучуваме поштетни договори отколку во минатото кога не сме решавале самите.
– Постои Сан Стефански договор, има Берлински конгрес, Букурештки договор, Версајска мировна конференција, тоа се се договори на кои што Македонците не учествувале. На Јалта прашањето не беше поставено затоа што Британија и Америка се договорија да не го чепкаат македонското прашање, дека дел може да биде само федеративна единица во рамките на Југославија, друго не и никаква балканска федерација или јужнословенска федерација. Тие се договорија, имаме Париска мировна конференција и заврши работата со договорите. Македонија беше објект во тие работи, сега како субјект кога учествуваме самите ја решаваме судбината, самите учествуваме во тие работи, нагласи Чепреганов.