Владата на денешната седница донесе одлука за исплата на штетите од елементарни непогоди што ги претрпеа земјоделците во 2016, 2017 и 2018 година. Висината на обештетувањето ќе биде 10 отсто од вкупно проценетата вредност. Со одлуката се опфатени 35 елаборати поднесени од 29 општини, ќе бидат обештетни над 9.100 граѓани и правни субјекти, соопшти Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Владата дополнително донесе одлука и за исплата на обештетување за штети од елементарни непогоди врз земјоделските посеви во 2021 година во општините Росоман, Демир Капија, Ранковце, Карбинци и Богаданци. Вкупниот процент за обештетување за сите 5 општини е 10 отсто од проценетата штета. Со одлуката ќе бидат исплатени 1.072 физички лица и правни субјекти.
За оваа намена, вкупно за сите општини каде што имало временски и елементарни непогоди од Буџетот ќе се исплатат околу 4,5 милиони евра.
Од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство посочуваат дека земјоделците никогаш нема да бидат оставени сами во состојби кога поради временски непогоди претрпуваат штети врз производството.
Дополнително, имајќи предвид дека осигурувањето претставува гарантирање на производството, одржување на земјоделските насади и правилно планирање на земјоделскиот развој, МЗШВ веќе работи на воспоставување на „Земјоделски осигурителен пул“ како нов модел на земјоделско осигурување. Овој пул преставува систем кој што ќе има за цел да ги заштити земјоделците од штети од елементарни непогоди од една страна, и од друга страна да го забрза процесот на обештетување на самите земјоделци што би преставувало една позитивна промена земајќи го сегашниот процес на обештетување на земјоделците кој од настанувањето на штетата до обештетувањето трае и до година и повеќе, стои во соопштението.