Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) денеска ќе ги презентира резултатите од програмата ГЕФФ и најавата за понатамошното финансирање на енергетската ефикасност во станбениот сектор во Западен Балкан.
Целта на настанот е да се претстават постигнатите резултати од програмата ГЕФФ, за што ќе бидат доделени и награди и признанија за сите учесници во програмата.
За време на настанот, ќе се одржи и панел-дискусија на која ќе се дискутира за предизвиците и плановите за зголемување на инвестициите во енергетската ефикасност и дополнително озеленување на економијата во регионот, согласно Зелената агенда на ЕУ и Економскиот и инвестицискиот план за Западен Балкан.
Говорници и панелисти на церемонијата на доделување на наградата ГЕФФ се Александра Вукосављевиќ, директорка на Финансиски институции за Западен Балкан и Источна Европа на ЕБОР, Ричард Маса, раководител на секторот за инвестициска рамка за Западен Балкан, Виолета Когалничеану, раководителка за инфраструктура и енергетска ефикасност и Леандер Трепел, директор во Борд за Австрија, Израел, Кипар, Малта, Казахстан, Босна на ЕБОР.
Настанот ќе се одржи онлајн на ЗУМ платформата на англиски јазик, а ќе биде обезбеден и превод на јазиците од Западен Балкан. Настанот ќе биде достапен преку директен пренос на порталот Balkan Green Energy News.
Програмата на ГЕФФ во наредниот период ќе обезбеди вкупно 135 милиони евра, што ќе бидат насочени кон зголемување на енергетската ефикасност во регионот, со што ќе се ублажат влијанијата од климатските промени.
ГЕФФ на Западен Балкан се спроведува во рамки на Регионалната програма за енергетска ефикасност и е поддржан од грант средства од Европската унија, Инвестициската рамка за Западен Балкан и Министерството за финансии на Република Австрија.
Програмата ГЕФФ им помага на домаќинствата да вложуваат во високо ефикасни технологии со обезбедување на финансиски средства преку локалните банки кои се партнери во програмата.