четврток, 9. ноември 2023. Вести денес: 0
home Економија

И Бучим сакаше да биде дел од проектот Иловица-Штука

И Бучим сакаше да биде дел од проектот Иловица-Штука

Истражувачката мрежа Белингкет, финансирана од ЕУ, уште пред неколку години предупреди дека во Македонија во последниот период не случајно се одземаат или пак не се доделуваат концесии во рударството на западни компании. И последните случувања со концесиите околу рудникот Иловица-Штука и компанијата „Еуромакс рисорсис“ се поврзуваат со ваквиот заклучок и наводното влијание на руската компанија „Солвеј“, која во Македонија стопанисува со рудникот „Бучим“.

Интерес за проектот нов рудник за бакар и злато во Иловица-Штука „Еуромакс рисорсис“ пројави уште во 2007 година. „Солвеј инвестмент груп“, преку компанијата „Бучим“ во Радовиш, во 2019-та година испратиле понуда до компанијата „Еуромакс рисорсис“, зад која стои канадскиот рударски гигант „Трафигура“, да се вклучат во проектот. Тогаш „Солвеј“ јавно соопшти дека нивната понуда е „единствената остварлива краткорочна можност да се добие проектот Иловица-Штука одобрен од Владата на Македонија и да биде поддржан од локалната заедница и еколошките групи“. Тие ветија „изводливо решавање на еколошките и социјалните прашања со кои се соочи проектот“ преку обработка на јаловината од Иловица во Бучим.

Еден од менаџерите на „Солвеј“, Ден Бронстеин, син на Александар Бронстеин, тогаш вети „нова македонска успешна рударска приказна“. Понудата брзо била одбиена, а засега инвестицијата во рудникот за бакар Иловица-Штука на канадската компанија „Трафигура“ и натаму се соочува со административни предизвици и протести на еколошките здруженија.

Од „Бучим“, најпрво ни се заблагодарија што се обративме до компанијата затоа што досега на оваа тема никој не ги контактирал. Од ДПТУ Бучим ДООЕЛ Радовиш ни потвдија дека ваква понуда навистина имало.

„Нашата матична компанија ‘Солвеј инвестмент груп’ пред неколку години изрази интерес за проектот Иловица Штука и тогаш се обрати со јавна понуда која остана неодговоренa. Денес валидноста на оваа понуда не е актуелна“, ни одговорија кратко од „Бучим“.

За ваквата понуда пред четири години зборуваше и првиот човек на Македонската асоцијација за рударство, Николајчо Николов, кој пак воедно беше и заменик генерален директор токму во Бучим и колега на Дмитриј Кудрјаков.

„Има начин како од таму да се извади рудата и централизирано да се преработува во ‘Бучим’. Треба да има еден сопственик на рудниците и да се окрупни рударството. Не е битно дали сопственикот на Бучим ќе им го продаде или ќе ја купи Иловица. Со тоа се создава можност да се направи преработувачки капацитет за 30.000 тони бакар, а во Неготино има два комбината за преработка на бакарна жица, а во Радовиш капацитет за преработка на злато кој не работи“, изјавуваше тогаш Николов.

За разлика од нив, „Еуромакс рисорсис“ беа доста пообемни во нивниот одговор квалификувајќи ја понудата од руската компанија како непријателска.

Тие потсетија дека во март 2019 година на берзата во Торонто беше објавено дека е договорена трансакција за издавање на дополнителни акции на подружницата на „Трафигура групација“, и со реализација на оваа трансакција „Трафигура“ би се стекнала со индиректна контрола врз работењето на „Еуромакс рисорсис“.

„Меѓутоа во период од објавата до финалната реализација на трансакцијата, постојните акционери, вклучувајќи ја и ‘Трафигура групацијата’, добија непријателска понуда од ‘Солвеј групацијата’, сопственикот на рудникот ‘Бучим’, за отфлање на веќе договорената трансакција за издавање на дополнителни акции на подружницата на ‘Трафигура групацијата’, нудејќи притоа заедничко вложување каде што постојните акционери би имале 25% од вредноста на проектот Иловица-Штука, додека ‘Солвеј групацијата’ би имала 75% од проектот Иловица-Штука. Во врска со оваа понуда, заседаваше бордот на директори и ја одби истата земајќи го предвид фактот дека веќе е договорена трансакција со ‘Трафигура групацијата’, како и тоа дека со поддршка на ‘Трафигура’, со оглед нејзиниот глобално препознаен имиџ – со вкупни приходи над 300 милијарди долари остварени низ целиот свет, може да се обезбеди стабилност и извесност при изработката и реализацијата на идниот рударски комплекс согласно најдобрите расположливи светски практики за изградба на еден модерен рудник. Учеството на ‘Трафигура’, заедно со другите инвестициски акционери, дава дополнителна гаранција дека рударскиот комплекс Иловица-Штука може да претставува модел на одговорно и одржливо рударство со максимална заштита на животната средина и билошкиот диверзитет“, ни одговорија од „Еуромакс рисорсис“.

Од тогаш до денес неизвесноста околу стартот на овој проект продолжува.