недела, 26. ноември 2023. Вести денес: 0
home Економија

Индустријата за организирање настани бара неповратна финансиска помош, од неработењето бележи над 60 отсто пад на приходите

Индустријата за организирање настани бара неповратна финансиска помош, од неработењето бележи над 60 отсто пад на приходите
МИА

Со кутии во кои е спакувана опремата, наредени долж булеварот „Илинден“ пред Владата, компаниите од ивент индустријата денеска симболично го одбележаа „поменот“ – една година откако се воведе забраната за одржување јавни настани.

Во тој контекст е и мотото „ПОМЕН – една година тишина!“ под кое тие се собраа тука точно напладне, во 12:00 часот, за да искажат револт од ситуацијата во која се наоѓаат. Дојдоа со порака дека без поддршка од државата, не ќе можат да опстанат.

Бројките на КОВИД заболени, како што посочија, се зголемува, а тоа значи дополнителна неизвесност дали воопшто наскоро повторно ќе почнат со работа.

Како што изјави за МИА Маја Бабиќ, претседател на Асоцијацијата на ивент индустријата (ИВАП) која го организира протестот, компаниите од оваа дејност бараат неповратна помош, грант, како што добија сопствениците на ноќните клубови.

Проценките се дека падот на приходите во ивент индустријата се повеќе од 60 отсто, што според Бабиќ, во догледно време ќе значи ставање клуч на врата.

-Баравме да бидеме третирани исто или слично како што беа третирани ноќните клубови. Тие добија грантови од по 10.000 евра. Бараме грант зашто сме една година затворени, но и за да можеме летово нешто да работиме. Буквално сме исцицани. Никаква помош немавме цела година од државата. И предложивме на Владата да има механизми со кои ќе може да се определи вид помош, а тоа значи дека компаниите треба навистина да докажат дека работат во ивент индустријата, дека имаат повеќе од 60 отсто пад на приходот, вели Бабиќ.

Претставници на ИВАП во јануари разговарале со вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи. Понудиле решение за нивната индустрија, но, иако добиле ветување дека тоа ќе биде земено предвид и разгледано, Владата воопшто не ги послушала и донела, како што нагласи Бабиќ, свои, неразбирливи мерки.

-Откако беше објавен петтиот економски пакет за кој слушнавме преку медиумите, реагиравме веднаш. Упативме писмо со забелешка дека мерките се несоодветни, дека ивент индустријата е незадоволна, како и дека бара уште еднаш да седне на маса со надлежните и да разговара. Но, нема никаков фидбек од сето тоа. Остануваме на ставот дека мерките не се добри или, кога веќе ги донеле, барем да ги објаснат. Објавија дека ќе дадат помош за секторов, но никој ништо не знае. Само велат, ќе ги организира настаните на државата и толку. Тоа не е помош, туку ангажирање, објасни Бабиќ.

Со овој собир, дополни, Асоцијацијата сака да го сврти вниманието на Владата, но и на јавноста, за состојбата во која се наоѓа ивент индустријата.

– Како сектор, воопшто не сме препознаени и разбрани, а без помош и поддршка не е возможно да опстанеме по цела година неработење. Деновиве е зголемен бројот на КОВИД заболени што значи дека оваа индустрија уште долго не ќе може да почне со работа. Како одговорни граѓани и компании сметаме дека е неумесно да бараме одржување јавни настани при ваква состојба. Ние не правиме тајни настани, не ги прекршуваме законите и прописите и не и создаваме проблеми на пазарната инспекција. Затоа, сметаме дека немаме друг избор, освен Владата да изнајде начин и да му помогне на овој сектор, истакна претседателката на Асоцијацијата.

Според неа, во последниот пакет мерки Владата објави дека се наменети средства за секторот -организирање настани, но моделот кој го предложи, ниту некому му е јасен, ниту има најава кога би се реализирал зашто рокови не се дефинирани.

– Ние понудивме неколку модели за помош, но ниту еден од нив не бил земен предвид. Понуден е целосно нов, нејасен модел без рокови и јасни правила што остава простор за сомнеж во неговата правичност и намена. За жа, изведувачките уметности, музиката и јавните настани се вториот најголем губитник од КОВИД пандемијата во Европа и светот, според последното истражување на европската агенција EY Consulting, веднаш зад авио-транспортот и според истражувањата, закрепнувањето на оваа важна општествена гранка мора да биде сериозно поддржано и помогнато од локалните влади, рече Бабиќ.