четврток, 9. ноември 2023. Вести денес: 0
home Економија

Македонија ја губи битката со странските инвестиции во регионот

Македонија ја губи битката со странските инвестиции во регионот

Ограничен потенцијал за трговска размена, нееднаква распределба на придобивките и загубите по ЕУ интеграцијата и неусогласеност во градењето стратегии за привлекување странски директни инвестиции, се само некои од ризиците на Иницијативата за заеднички регионален пазар (ЗРП).

Ова го покажува најновата анализа на Finance Think, за предизвиците на ЗРП Иницијативата од перспектива на Македонија, што беше презентирана денеска на онлајн брифинг со новинарите.

Според Finance Think, Иницијативата може да се гледа од две перспективи – како регионална соба за чекање за одложена интеграција во ЕУ или како брза трака за економска интеграција која води до членство во ЕУ. Првото претпоставува дека ЗРП е посебен процес и секоја земја е одговорна за својот пат кон ЕУ, додека второто претпоставува комплементарност меѓу ЗРП и ЕУ интеграцијата, како и меѓузависност на земјите од Западен Балкан кон ЕУ.

-Економската димензија претпоставува дека проектот на ЗРП се соочува со објективни предизвици во поглед на ограничен потенцијал за трговска размена во рамките на Западен Балкан, нееднаква распределба на придобивките и загубите по интеграцијата и неусогласеност во градење на стратегии за привлекување на странски директни инвестиции. Тешко е да се аргументира дека ЗРП ќе ја зголеми интрарегионалната трговска размена, имајќи ги предвид опаѓачките тенденции во трговската размена. Учеството на земјите од Западен Балкан во увозот и извозот на Северна Македонија опаднало од 19,5 отсто во 2010 на 11,6 проценти во 2019 година, рече Бојан Србиноски на денешниот онлајн брифинг со новинарите, презентирајќи ја Анализата.

Според него, главна улога во дистрибуцијата на придобивките и загубите по интеграцијата, ќе имаат: големината на пазарот, акумулацијата на квалификуван кадар и развојот на инфраструктурата.

-Структурните карактеристики на индустриите на земјите од Западен Балкан може да предизвикаат промени во производната структура во регионот во текот на регионализацијата, во корист на поголемите и „опремени“ со квалификувана работна сила, предизвикувајќи регионални дисторзии и можни победници и губитници, посочи Србиноски.