Д-р Живко Груевски
Во актуелнава реалност, повеќе или помалку, целиот свет сè уште се соочува со последиците од пролонгираната пандемиска здравствена, економска, енергетска и инфлаторна криза. Ова со посебна жештина ги погоди пофрагилните економии во транзиција и развој… Во нашата држава секојдневно слушаме и гледаме за проблемите предизвикани со големото зголемување на цените на електричната енергија, прехранбените продукти и баш на сè и сешто што ги поскапува трошоците на животот и ја зголемува сиромаштијата… за протести, барања и преговори околу зголемување на минималната плата, на просечните лични доходи и пензиите, за исплата на субвенции во земјоделството и сточарството итн.
Нашите градови за жал се утркуваат кој ќе биде највисоко пласиран на поразителните светски листи за најзагадени градови во светот – загаден воздух, диви депонии, загадени води, реки и речни корита, контаминирана почва (???).
Според последното истражување во рамки на проектот „Стоп за питачење и злоупотреба на децата и нивното здравје“, на Здружението „Градиме иднина“, се укажува дека во нашата земја околу 4,000 деца и луѓе на поголема возраст – питачат. За жал голем број живеат под ведро небо, 18,700 деца не се во училишните клупи а 1,500 деца од ромската популација не се евидентирани со матични броеви…
Секојдневно читаме за драстичниот пораст на бројот на затворени компании во минатата година. Податоците од реномираната бизнис-платформа „бизнис мрежа“ говорат дека ланската година била погубна за приближно 7,000 компании кои ставиле клуч на врата. Според економските аналитичари, кризата што ја предизвика ковид-19 ќе има последици најмалку уште десет години. Младите луѓе поради ниските плати, посебно во трудоинтензивните дејности, немаат интерес за вработување а својата среќа приоритетно ја гледаат со иселување во странство… Справувањето со пандемијата, енергетската и економската криза резултираат со сè погласни барања на бизнисите и граѓаните за помош од страна на државата, што резултираше со зголемување на нашиот државен долг на рекордни 7,1 милијарди евра, што претставува 60,9 отсто од домашниот бруто производ (БДП).
Драматично вознемирувачки се најновите геополитички и безбедносни закани за глобалниот мир и глобалната економија, кои кулминираа со крајно неприфатлив воен конфликт помеѓу Русија и Украина. Светот се соочува со уште еден нов, крајно опасен предизвик по пандемијата а воените дејствија иницираа нов бран ценовни шокови. Цените на примарните производи, храната енергентите и металите дополнително растат, додека вредноста на акциите кај инвеститорите се намалуваат. Ова ќе повлијае и на процесот на закрепнување на глобалните синџири, со оглед на улогата на Русија и Украина во нив како едни од најголемите производители на суровини, енергенти, жито (пченица и пченка), неопходни метали и сите видови ѓубрива за земјоделството. Ваквите состојби неминовно ќе се одразат на растот на европската економија, веројатно е нивно негативно влијание и врз инвестициите – домашни и странски, а со тоа и влијание врз планираните економски активности.
Длабоко свесни за оваа крајно загрижувачка реалност, сите ние од тимот на Euromax Resources сме искрено благодарни и горди на нашиот Борд на Директори и Групацијата ТРАФИГУРА, кои независно од неоправдано наметнатата неизвесност околу ефикасното продолжување со реализација на нашиот мега инвестициски Проект „Иловица-Штука“, уште во првата половина од минатата година благородно одлучија да одвојат наменски – интервентен буџет од 1 милион евра како конкретен израз за корпоративна, општествена одговорност! Во последниве десетина месеци се фокусиравме на финансиска и експертска поддршка посветена пред сè за – жителите од Струмичкиот и под Огражденскиот регион, преку кампањата – „Со Акција и Дела за Подобар Живот СЕГА и ВЕДНАШ!“
Се насочивме кон индивидуални проекти кои имаат директни здравствени, економски и социјални придобивки за локалното население. Проекти кои секојдневно ги допираат животите на жителите од општините Босилово, Ново Село и Струмица, приоритетно во здравствениот сектор (поддршка за Општата Болница во Струмица, Центарот за Јавно Здравје и Здрвствениот Дом Струмица), земјоделството, водоснабдувањето, туризмот и угостителството, поддршка за семејното претприемништво, на невладиниот сектор, образованието и едукацијата, спортските активности како и финансиска поддршка за настани од општ и хуманитарен карактер. Во широко спроведените активности, директно или индиректно, досега беа опфатени неколку илјади жители од регионот!
Убедени сме дека на сите жители од нашата држава, веќе одамна им е прекуглава од празната реторика и лажната загриженост изразена преку бескрупулозниот говор на омраза од дежурните кочничари на развојот. Тажно и разочарувачки болно е што за целото ова време, една мала група на „инстант-локални политичари во обид“ брутално го злоупотребуваат граѓанскиот активизам за свои лични финансиски интереси одработувајќи за своите налогодавачи. Лесно е да бидеш патолошки критизер и на социјалните медиуми да пишуваш со пизма стигматизирајќи ги нивните сожители и сите оние кои се „дрзнале“ да размислуваат и постапуваат различно од нив. Тие запенавено се залагаат уште две-три генерации од жителите на Македонија да чмаат потопени во безперспективност… Далеку потешко е, а и вистински одговорен предизвик е да бидеш активен двигател и предводник на конкретни активности со вложени финансиски средства кои единствено може реално да помогнат и да креираат развој за националната економија.
Euromax Resources и во оваа прилика се обврзува со несмален ентузијазам и посветеност да продолжи со кампањата „Со Акција и Дела за Подобар Живот – СЕГА и ВЕДНАШ“, како ефикасен пример на корпоративна општествена одговорност помагајќи во реализација на приоритетни проекти од интерес на СИТЕ жители независно од политичките, етничките, културните и социјални различности!