вторник, 13. февруари 2024. Вести денес: 0
home Економија

Продолжува расправата за Предлог буџетот за 2022

Продолжува расправата за Предлог буџетот за 2022

Собраниската Комисија за финансирање и буџет денеска треба да ја продолжи расправата за Предлог-буџетот за 2022 година.

Според опозициската ВМРО-ДПМНЕ, како што оценија вчера на првиот ден од расправата, Предлог буџетот е нереален и неразвоен со многу непродуктивни трошоци. Сметаат дека ќе следи ребаланс во првиот квартал и најавуваат интервенција на текстот со повеќе од 200 амандмани, меѓу кои пет против енергетската криза.

Од владејачката СДСМ апелираа на конструктивност и побараа буџетот да се донесе низ аргументирана дебата и без опструкции. Порачаа дека Буџетот е креиран врз основа на очекуваните економски придвижувања и има развојна компонента. Обезбедува, посочија, редовна исплата на плати и пензии, го следи правилото на јавните финансии и значително ги крати непродуктивните трошења

Со Предлог-буџетот за 2022 година, вкупните приходи се планирани на 238,9 милијарди денари и се за 7,4 проценти повисоки од годинава. Вкупните расходи се планирани во износ од 272,4 милијарди денари, што е за 1,4 отсто повеќе oд 2021 година. Дефицитот се планира на ниво од 33,5 милијарди денари или 4,3 отсто од БДП и е понизок за 2,2 процентни поени во однос на проценетиот дефицит во 2021 година.Во Предлог-буџетот за 2022 година за капитални инвестиции се предвидени 37,8 милијарди денари, за околу 27 проценти повеќе во однос на 2021 година.

Според роковите, Комисијата за финансирање и буџет може да расправа за буџетот 10 дена, пет дена за општа и пет за амандманска расправа. За пленарна расправа, според Деловникот, одредени се пет дена. Буџетот треба да биде донесен до крајот на годината .