Владата вчеравечер прогласи кризна состојба во снабдувањето со топлинска енергија на подрачјето на Град Скопје и во снабдувањето со електрична енергија на национално ниво. Двете одлуки ќе почнат да се применуваат од 1 септември и ќе траат 30 дена од денот на отпочнувањето на примена на овие одлуки.
Првата одлука е донесена заради недостиг на топлинска енергија, можноста за користење на алтернативно гориво и состојбите на пазарот на топлинска енергија, а втората заради недостиг на електрична енергија и состојбите на пазарите на електрична енергија.
Со денот на отпочнувањето на примена на овие одлуки, како што соопшти вчера Владата, Комисијата за следење на состојбите со снабдување со електрична енергија и за следење на состојбите со снабдување со топлинска енергија постојано ја следи, анализира и проценува состојбата на пазарите на електрична и топлинска енергија и предлага мерки согласно уредбите кои ги регулираат критериумите и условите за прогласување на кризна состојба.
Од почетокот на септември стапуваат во сила и мерките за штедење на електрична енергија кои ќе важат до крајот на март следната година. Комисијата за јавно-приватен дијалог ќе стане кризно тело преку кое Владата и бизнис секторот заеднички ќе делуваат во насока на справување со енергетската криза.
Надлежните институции уверуваат дека струја ќе има во престојниот зимски период и дека рестрикциите не се опција ако се оди според планот на Електростопанство на Северна Македонија.
На вчерашната редовна седница на Комисијата со која копретседаваше вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, тој ги извести присутните за планот на производство на АД ЕСМ, појаснувајќи дека Планот за производство на АД ЕСМ за 2022 година е направен со зголемување од 25 отсто во споредба со 2021 година и со тоа ЕСМ ќе ја произведува целата електрична енергија која им е потребна на граѓаните и на малите потрошувачи, и нема потреба да купува струја.
Дополнително, како што рече, сите производствени капацитети од домашното производство ќе се стават во функција.
Битиќи вчера се осврна и на новиот правилник за поставување соларни панели, со олеснета процедура и зголемен опсег на производство од 4 на 6 киловати за приватни произведувачи или од 40 на 60 киловати за индустриските објекти.
Вицепремиерот Битиќи кажа дека само во 2022 година кон стопанството како државна помош се обезбедени повеќе од 70 милиони евра директна финансиска поддршка, средства кои и во криза пораснаа од претходната година, а и не беа скратени со ребалансот на Буџетот.
Министерот за финансии Фатмир Бесими зборуваше за ликвидноста на Буџетот и потврди дека е во добра кондиција. Дополнително, зборуваше и за предлогот за даночна реформа кој се разговара во широка консултација вклучително со коморите и бизнис секторот, напоменувајќи дека ќе продолжи додека не се усогласат сите страни.
Од Стопанската комора на северозападна Македонија (СКСЗМ) вчера побараа Владата веднаш да им помогне на компаниите преку укинување на ДДВ-то за струја и замрзнување на цената на електричната енергија по примерот на соседните земји, да ги забрза постапките за инсталација на фотоволтаици и да го пренамени поголемиот дел ако не целосниот износ на средства од капиталните расходи за тие да се инвестираат во обновливи извори на енергија со цел максимално да се искористи целиот државен капацитет за производство на електрична енергија.
Според истражувањето на СКСЗМ, за 65 отсто од фирмите членки кои веќе имаат енергетско ефикасна инфраструктура, трошоците за eлектрична енергија во 2021 година биле од 1,3 до 2,3 проценти од вкупните месечни трошоци, додека за оваа година тие трошоци се од два до шест пати зголемени. Сметките за јули веќе изнесуваат 7-10 отсто од месечните оперативни трошоци. Од друга страна, состојбата кај производствените компании е алармантна. Без исклучок кај сите производители износот на месечните трошоци за електрична енергија преставува минимум 25 проценти од вкупните трошоци, додека од друга страна нивната профитна маржа изнесува помалку од пет отсто.
– Горенаведените предлози беа доставени до надлежните институции и беа соодветно и детално објаснети со цел нивна имплементација во најкус можен рок. Владата итно треба да преземе мерки по однос на енергетската криза, бидејќи овој проблем го доведува во прашање самото постоење и опстанокот на бизнисите на пазарот, наведе Комората.
Министерот за економија Крешник Бектеши неодамна изјави дека се разговара и со министерствата за енергетика на Србија и Бугарија за да нема запирање на прекуграничните капацитети и проблеми со снабдувањето на потрошувачите на слободниот пазар.
Во очекување на престојната зима, за која оценките се дека ќе биде најтешка во последните 70 години, Владата на 16 август донесе пакет мерки за штедење на електрична енергија кои треба да стапат на сила од 1 септември.
Со нив, државните институции имаат конкретни задолженија кои мора да ги почитуваат како што се исклучување на декоративното осветлување на фасадите на јавните објекти и културните споменици, да не се користат сијалици кога има доволно светлина, климите да се местат не пониско од 27 степени во сезона на ладење и не повисоко од 20 степени во сезона на греење, да се заменуваат старите сијалици со шделиви и да се исклучуваат компјутерите.
Во пакетот мерки за штедење има и препораки до граѓаните и компаниите. Со пакетот мерки за штедење се очекува заштедите да бидат до 15 проценти.