Цевководот што минува низ Бугарија може да служи како транзитен вод за Северна Македонија со што има техничка можност за непречен проток на природен гас кон земјава, порачуваат од Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ), во врска со најавите од страна на Русија за стопирање на испораката на природниот гас кон Бугарија и дали тоа ќе се одрази во снабдувањето на земјава.
Од РКЕ посочуваат дека состојбата е комплексна и зависи од одлуките што ќе ги донесе Русија.
– Според достапните информации со кои располагаме, „Макпетрол“, кој е долгогодишен трговец со природен гас, ги има подмирено обврските кон „Газпром“ навреме, што подразбира стабилна испорака на природен гас. Сепак, состојбата е комплексна и континуирано се следи и зависи од одлуките што Русија ќе ги донесе – дали ќе ја прошири листата на земји кон кои ќе ја стопира или ограничи испораката на природен гас, велат од РКЕ.
Од Комисијата нагласуваат дека во континуитет ја следат состојбата на пазарот со енергенси и во време на енергетска криза секојдневно се обезбедуваат информации од сите чинители на пазарот и упатуваат на нашата легислатива која согласно членот 13, став 7 од Правилата за снабдување со природен гас, потрошувачот е должен „да обезбеди услови за користење на алтернативна енергија“ во случај да нема природен гас.
– Што значи дека сите кои користат природен гас се должни да имаат алтернативно гориво како што е мазут, ТНГ, компримиран природен гас или екстра лесно гориво, порачуваат од РКЕ. (МИА)