четврток, 9. ноември 2023. Вести денес: 0
home Економија

Состанок на ЦЕФТА Поткомитетот за царина и потекло на стоки

Состанок на ЦЕФТА Поткомитетот за царина и потекло на стоки

Во организација на Царинската управа преку видео конференциска врска денеска се одржа 19-тиот состанок на ЦЕФТА Поткомитетот за царина и потекло на стоки, во рамки на македонското претседателство.

На состанокот, соопшти Царинската управа, присуствуваа високи претставници од царинските управи и министерства на ЦЕФТА земјите (Албанија, Босна и Херцеговина, Молдавија, Црна Гора, Србија и Косово), претставник на ЕФТА земјите, како и директорот на Секретаријатот на ЦЕФТА, високи претставници на Европската Комисија, Светска банка, ИФЦ и транспортната заедница на ЕУ.

На состанокот, како што се посочува, беа изложени и објаснети приоритетите на Царинската управа во однос на рамките на претседателството со ЦЕФТА поткомитетот, како што се и прашањата за суштинско олеснување на трговијата.

Една од главните точки кои беа тема на разговор на состанокот е и отпочнувањето на меѓународно признавање на сертификатот за Овластен економски оператор – ОЕО на ниво на ЦЕФТА, со кое во голема мера ќе се олесни протокот на стока на нашите економски оператори, ќе се забрзаат царинските постапки, ќе се намалат трошоците и секако ќе се зголеми нивната конкурентност, а се разговараше и за воведување на заедничко официјално лого за АЕО во ЦЕФТА (Authorized Economic Operator in CEFTA). Искажано е задоволство од брзото воспоставување и досегашното функционирање на зелените коридори, а се дискутираше и за примена на истите коридори во иднина за стоки на овластените економски оператори и за расипливи стоки, информираат од Царинската управа.

Како втор приортитет наметнат од наша страна, како што се потенцира, претставува конвенцијата за потекло на стоки – ПЕМ конвенцијата, преку склучување договори за слободна трговија со ЕУ, што всушност ќе биде олесување за нашите економски оператори, зголемување на нивната конкурентност, особено на оние кои извезуваат во земјите на Европската унија и ПЕМ зоната.

Следна многу важна точка од агендата е дискусијата за развој на електронска трговија помеѓу ЦЕФТА земјите, кој, имајќи ја предвид моменталната ситуација со КОВИД кризата, во иднина ќе биде од особено значење за економските оператори при размена на стоки како во ЦЕФТА регионот, така и со ЕУ и ЕФТА земјите. Земјите високо ја оценија досегашната соработка во рамките на SEED системот (систем за размена на податоци помеѓу ЦЕФТА земјите), и се договорија за проширување на системот со можност за размена на pre-arrival информации, односно информации пред пристигање на стоката со ЕУ земјите, стои во соопштението од Царинската управа.