„Финансиската едукација и финансиската инклузија, со особено внимание на младата популација, се значаен приоритет на Народната банка. Оттаму, Народната банка поддржува повеќе инцијативи во овој сегмент, вклучително и учеството на Меѓународната економска олимпијада, а особено радува кога младите се истакнуваат со забележителни знаења на меѓународните натпревари.“ Ова беше посочено од гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска на денешната средба со учениците од средните училишта, овогодишните учесници на Меѓународната економска олимпијада и професорите Анета Гацовска-Барандовска и Стево Ѓоргиев од Институтот за математика при Природно-математичкиот факултет во Скопје, кои ги координираа подготовките на тимот.
Гувернерката Ангеловска-Бежоска упати срдечни честитки до добитникот на бронзениот медал, ученикот Давид Ставров од ПСУ „Алгоритам“, Скопје, како и до Рина Толева и Давид Арсовски од СЕПУГС „Васил Антевски-Дрен“, Скопје, кои во состав на нашиот тим нѐ претставуваа на Економската олимпијада во Волос, Грција. На Шестата меѓународна економска олимпијада којашто се одржа во периодот од 25.7. до 2.8.2023 година учествуваа 50 тима од 48 земји во светот, а домаќин беше Универзитетот на Тесалија од Волос. Учениците се натпреваруваа во три дела: тест од економија, игра за финансиска писменост и бизнис-студија. Охрабрувачки факт е дека меѓу големиот број водечки економии во светот, ние го освоивме дваесет и второто место во генералниот пласман.
Народната банка зеде активно учество во подготвителните активности на учениците за учество на Олимпијадата. Активностите на централната банка, поточно серијата предавања за учениците во состав на нашиот тим, како и презентациите за дополнување на знаењата и одговорите на различните модули вежби и едукативни игри, се во рамките на соработката којашто централната банка ја остварува со Сојузот на математичари, за што е склучен и Меморандум за соработка. Финансиската едукација, исто така, е еден од стратегиските приоритети на Народната банка за што е усвоена и Стратегија за финансиска едукација и финансиска инклузија од страна на финансиските регулатори, предводени од Народната банка.