сабота, 11. ноември 2023. Вести денес: 0
home Економија

Стапија на сила олеснетите правила за монтажа на соларни панели за струја

Стапија на сила олеснетите правила за монтажа на соларни панели за струја

Со драстично олеснети услови, без поседување лиценца или барање дозвола од општина, од денеска секое домаќинство наместо 4 – ќе може да инсталира фотоволтаици со капацитет од максимум 6 киловати а вишоците да ги продава.

Новиот Правилник за обновливи извори на енергија, кој веќе е во Службен весник, треба да ги мотивира граѓаните спасот од скапата струја и неизвесноста од испорака на гас да го бараат во природата.

Канал 5 исконтактира неколку фирми кои поставуваат фотоволтаици и ја пресмета исплатливоста на инвестицијата. Доколку, хипотетички, поставите панели со моќност од 5 киловати – земајќи ги предвид местоположбата на живеалиштето, поставеноста на панелите и временските прилики, годишно би произвеле околу 5800 kW електрична енергија.

Ако просечната месечна потрошувачка на струја, како што покажа последната анализа на Регулаторна за сите домаќинства во земјава, е 410 киловати месечно или 4920 киловати годишно – значи дека инсталацијата ги покрива потребите за струја, па дури и останува вишок.

За него граѓаните ќе имаат две опции – или да го продаваат на ЕВН или да го чуваат за зимските месеци кога фотоволтаиците произведуваат 4 пати помалку енергија од периодот помеѓу јуни и август.

Ако, согласно сегашната цена на струја за еден киловат, годишно за сметки за струја „одат“ околу 50.000 денари а една фотонапонска централа од 5 киловати чини помеѓу 5000 и 6000 евра – ќе бидат потребни 5 до 7 години за да домаќинството да си ја поврати инвестицијата.

Министерството за економија наскоро ќе распише и јавен оглас за субвенции за фотоволтаици од максимум 1000 евра по домаќинство.