сабота, 2. декември 2023. Вести денес: 0
home Економија

Владата ги раскара бизнис секторот и синдикатите за иницијативата недела да стане неработен ден

Владата ги раскара бизнис секторот и синдикатите за иницијативата недела да стане неработен ден

Владата со иницијативата недела да биде слободен ден ги раскара бизнис секторот и синдикатите. Неодамна Владата ја прифати иницијативата на синдикатите недела да биде прогласена за неработен ден, а Министерството за труд и социјална политика веќе работи на измени и дополнувања на Законот за работни односи.

-Веќе одржавме неколку средби со Синдикатите како претставници на работниците, со претставници на работодавачите, Сојузот на Стопански комори, но и со претставници од министерствата за економија, финансии, информатичко општество. Сите овие консултативни средби се во насока да се слушне ставот и мислењето на сите страни и се дојде до одржливо решение кое нема да го наруши функционирањето на општественото живеење од една страна, но од друга страна неделата навистина за доминантен број од работниците ќе биде неработен ден и ден за семејството, велат од Министерството за труд и социјална политика од пред неколку дена.

Претставниците од синдикатите сметаат дека недела треба да биде ден за одмор, но бизнис секторот алармира дека ова законско решение треба добро да се обмисли, да се направат проценки за влијанието врз економијата.

Од Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), претседателот Дарко Димовски пред неколку дена за медиумите рече дека пандемијата всушност покажала оти целокупното општество може да функционира и доколку недела се прогласи за неработен ден. Ова решение, ќе овозможи работниците да бидат позадоволни, поодморени, а со тоа и попродуктивни.

Воведувањето на неработна недела според невладината организација „Гласен текстилец“ е потребно бидејќи според нивни истражувања и согледувањето има многу поплаки за прекувремена работа или неплатен труд на вработените. Такви одговори добиле особено од вработени во текстилната индустрија, моловите, градежништвото.

Но, за оваа иницијатива бизнис секторот и самите работодавачите велат дека ова решение за недела да стане неработен ден мора добро да се обмисли, да се увиди кои дејности тоа може да го прифатат, а кои не. Според најавите на бизнис секторот намалувањето на приходите ќе доведе до намалување на бројот на вработени во продажбата, во логистиката, во администрацијата на тие компании, и до намалување на примањата на вработените, затоа што ќе има помалку средства, а и нема да земаат 50 отсто зголемена дневница за работа во недела како што сега е предвидено во законот.