Синдикатот на Пошта на Македонија изразува загриженост од состојбата во работењето на комапнијата, особено по прекинот на работењето на платниот промет во 330 поштенски единици, и бара итна средба со премиерот за изнаоѓање решение.
Претседателот на синдикатот на Пошта на Македонија, Боро Велигденов, денеска на прес-конференција пред Владата ги наведе состојбите во претпријатието по почетокот на коронакризата која го намали внатрешниот и меѓународниот сообраќај, како и влијанието врз работењето со пропаѓањето на Еуростандард банката и прекинот на платниот промет во единиците на поштата.
-Стечајот на Еуростандард банка сериозно го наруши работењето на Македонска пошта. Генерира на дневна основа сериозни загуби на финансиското работење со оневозможување на услугата во платниот промет во над 330 – те поштенски единици на територијата на целата држава. Дополнитело, и прекинот на услугите во меѓународниот сообраќај и намалувањето на приходите во внатрешниот пазар изминатите шест месеци како последица од коронавирусот кај нас од 2300 вработени влева сериозна загриженост и страв за иднината на компанијата, редовна исплата на плати и зачувување на своите работни места, изјави Велиденов.
Оцени дека неработењето на 330-те единици на пошта и статус кво состојбата со неработењето на платиот промет претставува директна закана за егзистенцијата на вработените, но и тоа дека неработењето на поштенските филијали има влијание и врз граѓаните кои ги користат услугите.
Не смета дека има ризик од одење во стечај на фирмата, како и дека не се доведени во прашање исплатата на плати на вработените.
-Има огромен проблем кај над 100 илјади корисници кои ја користат пошта за исплата на пензија и социјална помош, рече Велигденов.
Според него, Владата како целосен сопственик на Пошта на Македонија со оглед на сериозноста на состојбите има обрска да се заложи и да ја постави како приоритет и итно да донесе одлука за склучување договор со друга банка со цел овозможување платен промет во пошта. Воедно да се заложи за стабилизација на компанијата со финансиска поддршка и покривање на загубите кои од ден на ден се се поголеми.
Тој побара итна средба со премиерот, најдоцна до истекот на наредната недела, за изноаѓање решение и овозможување платен промет во филијалите на Пошта.
Како што рече, има одредени преговори со некоја банка за договор за платен промет преку поштенските филијали, но немаат конкретни информации. (МИА)