Синдикалната кошничка за месец мај 2021 година е зголемена за 180,00 денари во однос на претходната за месец април 2021 година. Само за последните два месеци таа е зголемена за повеќе од 400,00 денари. Ако продолжи со вакво темпо на зголемување во просек од 200, 00 денари месечно до крајот на годинава нема да бидат доволни ни три минимални плати за покривање на основните потреби на едно четиричлено семејно домаќинство, велат од Сојузот на синдикати на Македонија.
Според ССМ, зголемувањето на трошоците е неоправдано имајќи во предвид дека цената на нафтата на која се водат алчните газди и ја користат како оправдување за зголемување на цените во 2018 година изнесувала 63,50 денари во месец јуни, 60.00 денари во 2019 година, 50.00 денари во 2020 година, а овој месец е 60.50 денари. Тоа, велат од ССМ, значи дека во 2020 година во време на пандемија предизвикана од Ковид 19, морало да се донесе и Уредба со законска сила за определување на највисоките цени на одделни производи во трговијата на големо и трговијата на мало, заради енормното зголемување на цените на штета на граѓаните, а за профит на газдите.
-Ова покажува дека неоправдано е да се зголемуваат цените, ако знаеме дека цената на нафтата е пониска од пред почетокот на пандемијата имајќи предвид дека никој од газдите кога цената го имаше најниското ниво во изминатите 10 години не ги намали цените, туку остваруваа огромни профитина грбот на работниците, се вели во денешното соопштение од ССМ.
Според ССМ, вредноста на Синдикалната минимална кошница за мај 2021 година изнесува 34.156,00 денари.