Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице, скопјанец на возраст од 35 години, затоа што постои основано сомнение дека сторил кривично дело – Недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи од член 396 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
На 31 август 2021 година при претрес во домот на осомничениот било пронајдено огнено оружје кое тој неовластено го држел и тоа автоматска пушка калибар 7,62 х 39 мм „Калашников АК 47“, две рамки од автоматска пушка и 41 куршум боева муниција со калибар 7,62 х 39 мм.
Поради постоење на опасност од бегство и околности кои го оправдуваат стравот дека осомничениот би можел да го повтори кривичното дело, јавниот обвинител до судија на претходна постапка достави Предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице.