петок, 15. декември 2023. Вести денес: 0
home Хроника

Албански државјанин кој илегално престојувал во Македонија осомничен за две тешки кражби во Струга

Албански државјанин кој илегално престојувал во Македонија осомничен за две тешки кражби во Струга
илустрација

Основното јавно обвинителство Струга поведе постапка против 28-годишен државјанин на Албанија кој илегално престојувал во државава и за кого постои основано сомнение дека сторил две кривични дела – Тешка кражба според член 236 став 1 од Кривичниот законик.

На 9 февруари, осомничениот насилно влегол во две куќи во Струга, одземајќи таблет, телефони, накит, два велосипеди и други предмети.

Обвинителството до Основниот суд во Струга достави и предлог за определување мерка притвор за осомничениот, бидејќи постои опасност од бегство и можност да го повтори делото.

Имено, осомничениот заедно со уште едно лице биле осудени во 2019 година во Струга за кривично дело – Разбојништво при обид да ограбат обложувалница, што јасно упатува на неговата подготвеност да стори кривични дела и во иднина. Бидејќи станува збор за странски државјанин без регулиран престој во државава, кој не ја почитувал судски определената мерка за 8-годишно протерување од земјава, очигледно е дека осомничениот е подготвен илегално да ја минува границата и лесно да стане недостапен на органите на прогонот

Од тие причини, Судот го прифати предлогот на Основното јавно обвинителство Струга и на осомничениот му определи притвор со цел да се обезбеди неговото присуство во текот на кривичната постапка.​​