Основното јавно обвинителство Битола до Основниот суд Битола поднесе Предлог за издавање казнен налог против четири лица кои за време на пандемија прогласена од страна на Генералниот директор на Светската здравствена организација поради опасна заразна болест COVID-19, не постапиле според прописите и наредбите со кои се определуваат мерки за нејзино сузбивање или спречување. Иако со донесена одлука на Владата на Република Северна Македонија било забрането движење на населението и на возилата од јавен превоз на територијата на државата во временски период од 20:00 часот до 05:00 часот наредниот ден, обвинетите на 12.4.2021 година, биле затекнати како пеш или со возила се движат без дозвола на различни места во градот.
Обвинителството утврди дека обвинетите го сториле кривично дело Непостапување според здравствени прописи за време на епидемија од чл. 206 ст. 1 од Кривичниот законик, за што го поднесе предлогот со кој на надлежниот суд му предложи на обвинетите да им изрече парични казни, во висина од по 100 дневни глоби, при што вредноста на една дневна глоба да се определи на 10 евра во денарска противвредност.