Вчера во Основниот кривичен суд – Скопје, во текот на главната расправа во предметот за кој Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, во месец март годинава, поднесе Обвинителен акт против седум лица и Обвинителен предлог против едно лице, четворица од обвинетите ја признаа вината, односно дека ги сториле кривичните дела што им се ставаат на товар.
За кривичните дела што им се ставаат на товар судот донесе пресуди врз основа на признание на вина и тоа на обвинетите А.Ж. и Џ.Ш. им изрече ефективна казна затвор во траење од 6 месеци, додека за обвинетите Љ.Љ. и Д.К.Ш. судот донесе пресуда со која им е изречена алтернативна мерка – условна осуда, односно казна затвор во траење од 6 месеци која нема да се изврши доколку обвинетите во рок од 2 години од правосилноста на пресудата не сторат ново кривично дело. Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција незадоволно од висината на изречените казни најавува жалба по добивањето на пресудата.
Според обвинението со дејствијата што ги извршиле обвинетите како царински службеници сториле кривично дело Криумчарење предвидено и казниво по член 278 став 5 во врска со став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Истрагата беше отворена кон крајот на месец декември минатата година по поднесена кривична пријава од страна на Министерството за внатрешни работи. Во текот на постапката се утврди дека во месец ноември 2021 година четворица обвинети, меѓу кои двајца полициски службеници, како повеќе лица, во два наврати организирале неовластено пренесување заради пуштање во промет на таблети што содржат прекурсори, додека четворица царински службеници постапиле спротивно на нивните службени овластувања и должности. за останатите обвинети судската постапка продолжува.