Продолжува узурпацијата на земјиште во државна сопственост долж брегот на Дебарско Езеро и бесправна градба на објекти. Дебарското одделение за внатрешни работи по таа основа денеска поднесе кривична пријава против А.К.(64), жител на Дебар.
-Поради постоење основи на сомнение за сторени казнени дела „узурпација на недвижности“ и „бесправно градење“ ОВР Дебар поднесе кривична пријава против А.К.(64) од Дебар. Тој во текот на јуни 2021 година, кај месноста „Бадеми“ на крајбрежјето на Дебарското Езеро, узурпирал 156 метри квадратни државно земјиште и без одобрение, отпочнал со градба на станбен објект, информираше Стефан Димоски, портпарол на Секторот за внатрешни работи од Охрид.
По истата основа минатата недела беше поднесена кривична пријава против У.Л.(56), жител на Дебар, со што до сега над десет е бројот на кривични пријави против жители на Дебар.
Тие узурпирале од над 60 до 156 квадратни метри во државна сопственост и спротивно на Законот за градење, започнале градба на објекти, стекнувајќи се со противправна имотна корист во износ од над 120 до над 300 илјади денари.