Заеднички мерки и активности за релаксирање на односите меѓу тетовските навивачки групи „Војводи“ и „Балисти“ се договорени денеска на одвоени средби во Секторот за внатрешни работи Тетово со претставници на двете навивачки групи.
Како што соопшти МВР, средбите уследија по последните инциденти кои изминатиот викенд се случија во Тетово, а во кои беа инволвирани членови на овие две навивачки групи, но и за формите и начините за надминување на сите проблеми и недоразбирања.
-Раководството на СВР Тетово и претставниците на навивачките групи „Војводи“ и „Балисти“ договорија заеднички мерки и активности за релаксирање на односите помеѓу тетовските навивачи, а договорено е, исто така, во иднина тие да се воздржат од ширење говор на омраза, непримерно скандирање и упатување на навредливи и вулгарни пораки кон другите. На денешните средби произлезе и иницијатива за заедничка средба на двете навивачки групи и нивно помирување, со цел во наредниот период да не се повторат вакви или слични инциденти, стои во соопштението на МВР.