Основното јавно обвинителство Скопје донесе наредба за спроведување истражна постапка против две лица, на возраст од 29 и 28 години, поради постоење основано сомнение дека како соизвршители сториле кривично дело- изнуда.
Осомничените, како се наведува во соопштението на скопското Обвинителство, на 14 јануари, заедно и со намера за себе да прибават противправна имотна корист, употребувајќи сила принудиле едно лице да им го даде неговото возило „Форд ескорт“.
-Двајцата најпрвин дошле во домот на оштетениот и започнале расправија со него. Потоа еден од осомничените со метална шипка која ја носел со себе започнал да го удира оштетениот по телото, додека вториот осомничен го удрил оштетениот со бокс во неговото лице. На тој начин тие го присилиле да им го даде возилото и го напуштиле местото, а следниот ден автомобилот го продале за 11.000 денари, информираат од Основното јавно обвинителство Скопје.
Воедно надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка доставил предлог за определување мерка куќен притвор за едниот осомничен, додека за другиот побара да бидат определени мерки на претпазливост.