Момче од Кавадарци со две убодни рани од нож е пренесено на клиника во Скопје.
Д-р Ратко Грков од Итната медицинска помош во Кавадарци за МИА потврди дека по повикот упатен до нив, на улица во градот затекнале момче со две убодни рани во седечка положба и во свесна состојба. По укажаната прва помош, момчето било пренесено во Болницата во Кавадарци.
Како што изјави д-р Благој Митев, хирург на хируршкото одделение при кавадаречката болница, ноќеска после полноќ било донесено момче родено 1994 година.
-Момчето имаше две убодни рани од нож во пределот на лев рамен појас и во пределот на градниот кош, позади, под коската која народски се вика лопатка. Убодните рани беа со ширина од 2.5-3 сантиметри и длабочина од 4-5 сантиметри. Му дадовме прва помош и заради подетално согледување на состојбата го препративме на Kлиниката за торакална хирургија во Скопје, рече Митев за МИА.