Министерството за внатрешни работи објави детали во врска со случајот со 12 годишното девојче штитеник на ЈУ за згрижување на деца со воспитно-социјални проблеми.
Од МВР информираат дека постапувано е од крајот на 2016 и во текот на 2017 година и 2018 година.
-Малолетното девојче во текот на споменатиот период е девет пати пријавувано за исчезнато лице од страна на вработени во социјално-згрижувачките установи, при што во сите девет случаи е постапувано од страна на соодветните полициски служби, велат од МВР.
Во документираните случаи, разговарано е со лица инволвирани во незаконски дејствија од областа на кривични дела против половата слобода, за што се направени детални известувања доставени во надлежното ОЈО за натамошно постапување.
-Имено, на 03.01.2017 по пријава за исчезнато лице, девојчето е пронајдено во населбата Шуто Оризари во домот на Џ.К. (68), која што со сила ја задржала во својот дом со намера да и биде снаа. Констатирано е дека таму малолетничката имала сексуален однос со повозрасен човек. Направен е службен разговор со Џ.К., А.К. (44) и Ш.К. (39) и како можен сторител е детектиран Ш.К. за што од страна на Единицата за насилен криминал при СВР Скопје е направен посебен извештај кој што на 12.01.2017 година е доставен до надлежен обвинител при ОЈО Скопје за натамошни насоки и постапување, информираат од Министерството.
Оттаму додаваат дека во друг документиран случај се работи за пријава од вработена во ЈУ за згрижување на деца со воспитно-социјални проблеми на 28.09.2017 година, откако малолетничката се вратила во домот после извесен период на отсуство. Вработената во оваа ЈУ пријавила дека, според кажување на девојчето, тоа околу 2-3 недели во повеќе наврати имало сексуални односи со постаро лице. Веднаш е постапено по пријавата и од страна на СВР Скопје до Основното Јавно обвинителство Скопје доставено е писмено известување од 02.11.2017 година, а дополнително известување е доставено и на 15.02.2018 година.
На 13.11.2017 год. околу 22.30 ч. од страна на ЈЗУ Општа Болница – Детско одделение Велес во СВР Велес е пријавено дека кај нив е донесена малолетничката во безсознание.
-На 14.11.2017 г., по барање на МВР, ОЈО издаде писмена наредба за вршење преглед на детето во Судска медицина – Скопје. Врз основа на наодот од извршениот преглед, документирана е кривична пријава против Е.У. (41) до ОЈО Велес за полов напад врз дете, а истрагата е проширена и на други лица, за што ќе биде поднесена кривична пријава до ОЈО.