Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Тетово донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 27-годишен тетовец, осомничен за кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 1 од Кривичниот законик.
На 8 април, при претрес во семејната куќа на осомничениот, на улицата „29 Ноември“ во Тетово, полицијата пронашла вкупно 114,68 грама марихуана во повеќе помали пакувања. Дрогата била скриена на различни локации во домот, во автомобилот, како и во исушен канал за наводнување во дворот на куќата. Кај осомничениот била пронајдена и дигитална вага наменета за мерење при препакување на дрогата.
До судијата на претходна постапка од Основниот суд во Тетово јавниот обвинител поднесе предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице, оценувајќи дека постои опасност тој да се даде во бегство, да го повтори делото или да влијае врз сведоците и да се обиде да ги прикрие трагите. Судијата го прифати предлогот и на осомничениот му определи притвор во траење од 30 дена.