среда, 15. ноември 2023. Вести денес: 0
home Хроника

ОЈО Велес ја расчистува сообраќајната несреќа во која загина 30-годишен мотоциклист

ОЈО Велес ја расчистува сообраќајната несреќа во која загина 30-годишен мотоциклист

Основното јавно обвинителство од Велес работи на расчистување на сообраќајната несреќа што се случи вчера околу 16:40 часот на автопатот Гевгелија-Скопје на оддалеченост од 6,5 километри по мостот Виничани, во која учествувало патничко моторно возило и двајца мотоциклисти, при што загина еден од мотоциклистите.

Како што соопшти ОЈО Велес, при движење во ист правец на автомобил-комбе „мерцедес спринтер“ со швајцарска регистарска ознака управувано од лице на возраст од 74 години и два мотоцикли, во момент едниот мотоцикл со голема брзина го престигнал комбето. Веднаш потоа другиот мотоцикл се удрил во комбето од што возачот паднал на коловозот, бил исфрлен на просторот помеѓу банкините кои го раздвојуваат автопатот и починал на самото место.

-Од страна на дежурниот јавен обвинител во содејство со увидна екипа на Секторот за внатрешни работи Велес извршен е увид на местото на настанот. Притоа се фиксирани пронајдените траги и предмети. Надлежниот јавен обвинител издаде Наредба за вонреден технички преглед на возилата кои учествувале во незгодата- комбето и мотоциклот. Издадена е и наредба за проверка на крв и урина кај возачот на комбето и за обдукција на починатото лице, кое било на возраст од 30 години. Во текот на вршењето на увидот земени се првични изјави од возачот на комбето и од мотоциклистот кој бил учесник во сообраќајот истовремено со сега починатиот, а со кој заедно се движеле паралелно со патничкото моторно возило, стои во соопштението.

Основното јавно обвинителство Велес посочува дека во континуитет презема и други дејствија во насока на утврдување на фактите во предметот.