Патничко возило Ауди полно со мигранти утрово излетало од коловозот на валандовско брдо и паднало во провалија.
Во возилото имало девет мигранти, државјани на Сирија. Осуммина од нив останале неповредени додека кај едно од лицата лекарите во гевгелиската болница констатирале телесни повреди. Идентитетот на возачот кој управувал со возилото со скопски регистарски ознаки за сега останува непознат бидејќи веднаш по несреќата тој побегнал од местото на настанот.
,, Во 06.05 часот во Полициската станица Валандово било пријавено дека на регионален пат Р 1401 Валандово-Струмица патничко моторно возило ауди, со скопски регистарски ознаки, излетало надвор од коловозот, а во него се превезувале 9 лица – мигранти од Сирија.
Еден од мигрантите се здобил со телесни повреди, констатирани во Медицински центар Гевгелија, а увид на местото извршила екипа на Полициска станица Валандово, информираше Александра Трајанова – портпарол на СВР – Струмица.
Освен полицајци од ОВР Валандово, на местото на настанот излегла и екипа на РЦ ЈУГ како и пожарникари од валандовската противпожарна единица кои биле вклучени во извлекувањето на патниците и возилото. Мигрантите се пренесени во прфатниот центар Винојуг, а во меѓувреме СВР Струмица презема интензивни мерки за пронаоѓање на возачот.