Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Битола донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице осомничено за продолжено кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 1 во врска со член 45 од Кривичниот законик.
Осомничениот 33-годишник, во текот на мај и јуни годинава, во повеќе наврати од засега неидентификувано лице неовластено набавувал марихуана и амфетамин во различни количини, ги препакувал во помали пакувања и ги препродавал на наркозависници. На 14 јуни, бил забележан од полициски службеници кои му дале наредба да застане, но тој не послушал туку избегал. Бегајќи, од раката исфрлил 15 поединечни пакувања со вкупно 11 грама амфетамин и цигара со марихуана. На 15 јуни бил извршен претрес во неговиот дом, каде било пронајдено најлонско пакување со непозната материја, кое е дадено на вештачење.
Ценејќи дека се исполнети законските основи – опасност од бегство, можност за влијание врз сведоците кои од него набавувале дрога и можност да го повтори делото, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот.