Притвор во траење од 30 дена добија двајцата осомничени за убиството на хрватскиот ракометар Денис Тот, објави Телма.
Судија на претходна постапка, постапувајќи по предлог на ОЈО Скопје, донесе решение да го прифати предлогот на Обвинителството поради постоење опасност од бегство и можност да влијаат и да ја попречат истрагата.
Три лица се осомничени за убиството на 27-годишниот хрватски ракометар, а меѓу нив е и 19-годишна девојка.
Тоа се 28-годишниот А. Ѓ., кој е и првоосомничен за убиството, како и 22-годишниот А.К. и 19-годишната К.Л. Тројцата, според Обвинителството, крвнички го претепале хрватскиот ракометар, Тот, кој ден подоцна им подлегна на повредите на скопските клиники.
Од снимките од надзорни камери кои ги обезбеди полицијата, утврдено е дека кобната ноќ, околу 3 часот и 30 минути, пред ноќен клуб во Градскиот парк во Скопје, дошло до расправија помеѓу Тот и тројцата осомничени, при што тие го нападнале и му нанеле повеќе удари со боксови и клоци.
Од ударите тој паднал наназад и со задниот дел од главата удрил на асфалтот, по што изгубил свест. И покрај тоа, осомничените продолжиле да го удираат по главата, а потоа, без да му укажат помош, си заминале.
Двајца од нив, дечко и девојка, се приведени, но првоосомничениот е во бегство и по него е распишана потерница.