Основното јавно обвинителство Скопје поднесе предлози за издавање казнен налози против четири лица за кривично дело – Непостапување според здравствените прописи за време на епидемија согласно член 206 став 1 од Кривичниот законик.
Обвинетите биле затекнати како се движат на различни локации низ градот за време на полицискиот час, определен како мерка за превенција и сузбивање на ширењето на заразна болест.
За четворицата обвинети јавните обвинители му предложија на Основниот кривичен суд Скопје да изрече парични казни од по 10 дневни глоби, со поединечна вредност на дневната глоба од 20 евра во денарска противвредност.
За еден скопјанец, пак, Основното јавно обвинителство Скопје поднесе Обвинителен предлог за кривично дело – Фалсификување исправа од член 378 став 1 од Кривичниот законик.
Делото било сторено така што обвинетиот на 17 март бил затекнат како се движи на улицата „Цветан Димов“ за време на полицискиот час, при што употребил лажна исправа – дозвола за движење на вработен поради континуитет на работниот процес. Имено, тој во наведеното правно лице извршувал работни активности само во периодот од 08-16 часот.