петок, 24. ноември 2023. Вести денес: 0
home Хроника

Предложена парична казна за симнување службен печат од локал во Скопје

Предложена парична казна за симнување службен печат од локал во Скопје

Основното јавно обвинителство Скопје до Основниот кривичен суд Скопје денеска поднесе Предлог за издавање казнен налог против едно лице заради сторено кривично дело – Симнување и оштетување на службен печат или знак според член 389 став 1 од Кривичниот законик.

Обвинетиот, на 2 ноември, во деловните простории на правен субјект на улица „Митрополит Теодосиј Гологанов“, симнал службен знак поставен од страна на овластено службено лице – инспектор за животна средина од Општина Центар. Знакот бил поставен заради осигурување на објектот, а врз основа на донесено Решение за забрана за вршење угостителска дејност во рок од 30 дена, откако со мерења било утврдено дека угостителскиот објект емитувал ниво на бучава над пропишаните гранични вредности. Обвинетиот го отстранил службениот знак за запечатување на локалот, влегол во објектот и продолжил со вршење на дејноста.

Надлежниот јавен обвинител му предложи на Судот за обвинетото лице да изрече парична казна во висина од 100 дневни глоби, при што висината на една дневна глоба да биде определена на 50 евра во денарска противвредност.​​