На тетовецот кај кој вчера беше најдена дрога и други предмети денеска му е одредена мерка притвор во траење од 30 дена. По вчерашниот претрес и приведување, тој денеска беше изведен пред судија на претходна постапка во Основниот суд Тетово.
-Определена е мерка притвор од 30 дена на 59-годишниот Н.М. од Тетово, во чиј дом вчера при извршен претрес со судска наредба од полициски службеници на СВР Тетово беше пронајдено околу половина килограм хероин, околу 100 грама кокаин, 19 ампули метадон, поголема сума девизи и други предмети. Тој попладнево е спроведен во КПУ Затвор „Скопје“ во Скопје за издржување на притворот, информира портпаролот на СВР Тетово, Марјан Јосифоски.
Обвинителството го товари тетовецот за кривично дело казниво по член 215 од Кривичниот законик „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“. (МИА)