Триесетдневен притвор за 53-годишен жител од тетовско, кај кого била пронајдена рачна бомба.
Основното јавно обвинителство Тетово донело наредба за спроведување истражна постапка против 53-годишен жител на тетовското село Долно Палчиште, поради основано сомнение дека сторил кривично дело „Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со огнено оружје и распрскувачки материи“ од член 396 став 2 од Кривичниот законик.
-Во неговата семејна куќа тој држел боева рачна бомба Ф1 од кинеско производство, иако поседувањето на вакви експлозивни материи на граѓаните им е забрането. Бомбата била пронајдена при претрес во домот на осомничениот на 8 јануари, скриена во кутија под креветот во спалната соба, известуваат од Јавното обвинителство.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот. Судијата го прифати предлогот и на осомничениот му определи притвор во траење од 30 дена. (МИА)