Автомобилите на поранешниот висок функцинер во МВР Љупчо Тодоровски, на пратеникот Хари Локвенец, на бизнисменот Штерјо Наков, на архитектот Златко Тодоров, но и на сопругата на екс шефот на УБК Миле Зечевич, се дел од познатите личности чии автомобили гореа минатата година, објавува телевизија Телма.
Колку автомобили биле намерно запалени, а колку пожарот избуванал поради дефект, МВР ќе ја има комплетната статистика после празниците. Официјална бројка добивме за декември месец.
„Во текот на месец декември 2018 година на територијата на Р. Македонија, регистрирани се 25 случаи, во кои опожарени се 27 моторни возила (24 патнички моторни возила, две товарни моторни возила и еден трактор)“.
Податоците кои Телма претходно ги добиваше од полицијата покажуваат дека има тренд на зголемување на опожарени возила. Во 2016 имало 32 намерно запалени автомобили, во 2017-та имало 56, а во првите три месеци од 2018 имало 20 намерно запалени возила. Огромен број од возилата гореле во Скопје. И новата година започна со запалено возило. На втори јануари пожарникарите гаселе автомобил во Скопје Север.
Палењето или автомобили најчесто носи печат на организирани криминални групи кои имаат цел да испратат порака до своите жртви, предмет на уцена или рекет пари, а некогаш се палат возила во пресметки меѓу мафијашки групи, вели поранешниот началник во МВР, Љубомир Ѓурчевски.
Но, на мета годинава беа и полициски возила. Во еден ден беа искршени стаклата на 6 возила на МВР. Кога цел на напад се институции или нивни возила се испраќа порака до вработените вели Ѓурчевски.
Во 2017 полицијата расветлила 23 проценти од подметнатите пожари во автомобили. Во првите три месеци 2018 расчистени се 3 случаи, а 5-мина добиле кривични пријави за предизвикување општа опасност, насилство и оштетување на туѓи предмети.
Извор: Телма