Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 33-годишен жител на Штип за кого постои основано сомнение дека го сторил кривичното дело – Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори согласно член 215 став 1 од Кривичниот законик.
Во патничко моторно возило Сеат толедо со штипски регистарски ознаки, кое осомничениот го управувал на улицата „Петар Георгиев“ во Скопје, полициски службеници пронашле 30 оригинални шишенца метадон со вкупен волумен од 300 милилитри.
Синтетичкиот опијат кој е контролиран како опојна дрога бил скриен во просторот за резервна гума во багажот на автомобилот.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за опртеделување мерка притвор за осомниченото лице, бидејќи постојат околности кои укажуваат дека би можел да се даде во бегство или да го повтори делото.