Полициските службеници од дебарското одделение за внатрешни работи лишиле од слобода жител на Струга затекнат при незаконит риболов на Дебарско Езеро.
– Вчера во 14 часот, полициски службеници од ОВР Дебар го лишија од слобода А.Д.(56) од струшкото село Добовјани. Во месноста „Манастирец“ на Дебарското езеро, тој бил затекнат при незаконит риболов, користејќи водна пушка-харпун марка „Марес“ и метална шипка-вила за риболов, информираше Стерфан Димоски, портпарол на Секторот за внатрешни работи-Охрид.
Предметите и уловените риби биле одземени и по целосно документирање на случајот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.
Месноста „Манастирец“, попозната како „Три чешми“, се наоѓа на левата страна од патниот правец кон Струга, каде често е присуството на риболовци од многу градови во земјава. (МИА)