Против 19-годишен скопјанец Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка, бидејќи постои основано сомнение дека сторил две тешки кражби, една кражба, еден обид за тешка кражба и едно одземање моторно возило.
Согласно доказите обезбедени до овој момент, осомничениот на 14 јуни, од ресторан на булеварот „Словенија“ одзел 700 евра и 11.000 денари. Искористувајќи ја околноста што ресторанот бил привремено затворен за работа, со физичка сила ги отворил вратите, влегол внатре и од една од работните простории ги одзел парите.
На 7 август повторно насилно влегол во истиот ресторан со намера да одземе туѓи подвижни предмети, но бил забележан од една вработена и побегнал. На 27 август, на дрзок начин, преку отворен прозорец во спалната соба влегол во стан на улицата „Благој Давков“ и додека сопственичката спиела, одзел ранец во кој имало мобилен телефон, слушалки, мини звучник и други предмети во вкупна вредност од околу 20.000 денари.
Потоа, на 29 август, од паркинг простор на улицата „Максим Горки“, осомничениот противправно одзел туѓо моторно возило – комбе „Мерцедес вито“. Возилото било незаклучено, а клучот бил оставен во контакт-бравата за погон, па осомничениот го стартувал и заминал со него во непознат правец.
На 31 август, тој влегол во печатница на улицата „Анкарска“ и од една од работните простории одзел чанта во која имало мобилен телефон, паричник со 500 денари, документи, банкарски картички и други предмети во вкупна вредност од 36.000 денари.
Поради опасност осомничениот да се даде во бегство за да го избегне кривичниот прогон, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор.