Три лица се повредени во сообраќајна незгода, што се случи вечерва околу 20 часот и 45 минути на автопатот Тетово – Гостивар, поради што до 21 часот и 10 минути движењето на возилата на овој патен правец беше во прекин.
Сообраќајката се случила кај клучката за село Камењане во Општина Боговиње.
-Вечерва во 20 и 45 минути, во СВР – Тетово пријавена е сообраќајна несреќа која се случила на автопатот Гостивар – Тетово, во близина на клучката за тетовско Камењане, а во која учествувале две патнички моторни возила од кои едното со странски регистарски ознаки. Три лица, првично, се здобиле со повреди и пренесени се во тетовската Клиничка болница за укажување на лекарска помош, информираа од Министерството за внатрешни работи.
По сообраќајката започна да се врши увид, а сообраќајот се одвива забавено. (МИА)