петок, 1. декември 2023. Вести денес: 0
home Хроника

Тринаесет тешки кражби во Куманово од почетокот на годинава

Тринаесет тешки кражби во Куманово од почетокот на годинава

Тринаесет тешки кражби, од кои пет биле во обид се регистрирани на подрачјето на Секторот за внатрешни работи Куманово од почетокот на годинава до 1 август, информира МВР.

Од кражбите девет се случиле во куќи, а четири во станови. Во екот на летните одмори, СВР Куманово апелира до граѓаните да го заштитат својот имот преку преземање повеќе превентивни мерки во рамки на проектот „Повлечи потег, заштити го својот имот“.

Меѓу препораките кои ги наведува полицијата, а кои треба да ги преземат граѓаните пред заминување на одмор е да ги затворат прозорците и вратите, да не дозволуваат влез на непознати лица во домовите, да пријават доколку забележат нешто сомнително на 192, да развиваат добрососедски односи. Граѓаните треба да ги чуваат вредните предмети на сигурно место, да не се остава впечаток дека се отсутни од дома, домовите треба добро да се осветлени и по можност да се инсталираат алармни уреди и безбедносни камери.

Со цел, да се спречат провалните кражби во домовите и поради поголема заштита се препорачува да не се објавува отсуството од дома на социјалните мрежи.

Превентивната кампања се реализира последниве години и освен за летните одмори се спроведува и за поголемите празници. Целта е да се подигне свеста кај граѓаните за обезбедување услови за поголема безбедност, а се реализира преку давање совети, делење флаери, преку советодавните групи и оддржување на локалните совети за превенција.

Од СВР Куманово велат дека целта на оваа кампања е да се подигне свеста и интересот кај граѓаните за самозаштита и заштита на заедницата, да се подобри личната безбедност, како и да се гради партнерство меѓу граѓаните и полицијата при решавање на проблемите.