Секторот за внатрешни работи Скопје – Единица за економски и компјутерски криминал, до надлежното Основно јавно обвинителство во Скопје, поднесе кривична пријава против Ѓ.М.(50), М.К.(33), С.Т.(47) и З.Ј.(57), сите од Скопје, поради постоење основи на сомнение дека сториле по едно кривично дело „Употреба на исправа со невистинита содржина“, казниво по член 380, а во врска со член 22 од Кривичниот законик.
Пријавените, по претходен меѓусебен договор, во текот на декември 2018 направиле два документи со невистинита содржина, како да се изготвени и издадени од Министерството за финансии , кои претставуваат одговор на барање, насловени до третопријавениот С.Т., со кои се известува дека од страна на Министерството за правда , до Секторот за трезор при Министерството за финансии е доставена наводно склучена спогодба помеѓу третопријавениот С.Т. и Министерството за правда за исплата на износ од 3.450.000,оо денари.
Овие документи пријавените ги искористиле во два наврати како да се вистинити. На 31.12.2018, еден од актите, четвртопријавениот З.Ј., во име на првопријавениот Ѓ.М., го приложил кон барање доставено до Министерството за финансии во кое биле доставени податоци за трансакциска сметка на првопријавениот, како и Договор за отстапување на побарување, склучен на ден 25.12.2018 одина, помеѓу третопријавениот С.Т. и првопријавениот Ѓ.М..
Во договорот било наведено дека третопријавениот С.Т., своето побарување од Министерството за правда, во целост му го пренесува на првопријавениот Ѓ.М. и се согласува целосниот износ да биде префлен на банкарската сметка на примачот. Исто така, на 20.02.2019, вториот акт, второпријавената М.К., го приложила кон барање на свое име, доставено до Министерството за финансии, во кое доставила своја трансакциска сметка, како и Договор за отстапување на побарување, склучен на 05.02.2019, помеѓу третопријавениот С.Т. и второпријавената М.К., во кој било наведено дека третопријавениот своето побарување од Министерството за правда во износ од 3.450.000,оо денари, во целост и го пренесува на второпријавената М.К. и се согласува целосниот износ да биде префлен на банкарската сметка на примачот. Со овие дејствија пријавените се обиделе да се стекнат со противправна имотна корист од 6.900.000,оо денари.