Царинската управа на граничниот премин Табановце одзеде минибус со албански регистарски таблички во кој се откриени специјални бункери наменети за криење стока.
Како што информираат од Царинската управа, случајот е откриен на влез на граничниот премин Табановце од страна на царински инспектори од мобилниот тим од Секторот за контрола и истраги, кои ја извршија контролата на минибусот. По поднесена пријава до надлежниот суд, донесена е одлука за одземање на возилото, а изречена е и глоба за возачот на возилото заради прекршување на член 263 став 7 и член 269 став 2 од Царинскиот закон.
-Специјални бункери во вентилацискиот систем на минибус со албански регистарски таблички направени со цел криење стока се откриени по контрола на возилото во кое се вршело вонреден превоз на патници на релација Тирана – Брисел. Притоа специјално направените бункери наменети за криење стока, во обид да се прикријат, биле покриени со тапацир, соопшти Царинската управа.
Ова, како што велат, е втор случај во една недела на заплена на возило специјално конструирано, адаптирано и прилагодено со цел криење стока.