вторник, 12. декември 2023. Вести денес: 0
home Хроника

Вкупно 24 години затвор за групата од Грчец, ги прифатија обвиненијата за случајот „Планина“

Вкупно 24 години затвор за групата од Грчец, ги прифатија обвиненијата за случајот „Планина“

По спогодбите со седуммината припадници на т.н. група од Гази Баба осомничени во предметот „Планина“, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција склучи Предлог-спогодби со уште седум лица од групата во Грчец, соопштија од ОЈО Скопје.

Откако биле запознаени со доказите што обвинителството ги прибави во текот на спроведувањето на предистражната и истражната постапка, како што велат од обвинителство, обвинетите го признале извршувањето на кривичното дело за кое се товарат.

Судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд – Скопје ги прифати Предлог – спогодбите и лицата ги огласи за виновни за сторено кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори предвидено и казниво по член 215 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

– На осомничениот С.С.(34) осудуван за други кривични дела во траење од пет години, на осомничените Б.Љ.(39) и Ф.Љ. (33) осудувани за други кривични дела во траење од по три години и шест месеци и на осомничените И.А. (19), С.Е. (21), Е.И. (24) и Ќ.Љ. (29) досега неосудувани во траење од по три години. Со пресуда на обвинетите им е изречена казна затвор во која се пресметува и времето поминато во притвор, соопштија од скопското обвинителство.

Во периодот од месец март 2020 година до месец март 2021 година осомничените И.М. и Б.Љ. кои се недостапни на органите на прогонот, како и други НН лица, во повеќе наврати искористувајќи исти прилики и други слични околности неовластено купувале наркотична дрога – кокаин, хероин и марихуана и истата ја криеле на безбедни локации во с.Грчец. Заради неовластена продажба организирале мрежа на препродавачи и посредници во која биле опфатени и останатите осудени и осомничени лица. Тие имале задача да воспоставуваат контакти со заинтересирани купувачи од Тетово, Гостивар, Скопје, Струмица и други градови. Откако ќе ја договореле цената, количината и видот на наркотичната дрога, ги известувале И.М. и Б.Љ. кои им ја давале измерена и спакувана нарачката. Препродавачите добивале процент од постигнатата цена која се движела од 4-5000,00 денари по грам за кокаин и од 12-15.000, 00 денари за 100 грама марихуана.

Согласно член 215 став 6 од Кривичниот законик, во корист на Македонија, како предмети што се употребени за извршување и што потекнуваат од кривичното дело, се одземени: едно ПМВ марка АУДИ 3, 17 мобилни телефони, 32 држачи за СИМ картички, 13 СИМ картички, едно пакување бела непозната материја, 6 мали полиетиленски пакувања со наркотична дрога -кокаин, 5 капсули бела боја и еден куршум.

Обвинетите што се спогодија со обвинителството се упатени на издржување на изречената казна, а за останатите истражната постапка е во тек.​  (МИА)