Денес при вршење на детална царинска контрола на автобус на влез во државата, мобилните тимови од Одделението за оперативни работи од Царинската управа на граничниот премин Табановце открија и привремено задржаа 13,3 килограми злато и непријавени 30.000 евра.
Поради постоење сомнеж, автобусот со македонски регистарски ознаки кој се движи на редовна линија од Пореч (Р.Хрватска) до Гостивар, заедно со патниците бил упатен на царинскиот терминал на граничниот премин. При прегледот со мобилен скенер се воочени неправилности во кровната конструкција, каде се пронајдени разновиден златен накит и златни плочки во правилна и неправилна форма.
Непријавената стока – злато со вкупна тежина од 13.304 грама е привремено задржана и предадена на Одделението за истраги за понатамошна постапка.
Дополнително при личен претрес, кај еден од возачите беа пронајдени и одземени непријавени 30.000 евра, за кои е изготвен записник за девизен прекршок.