Основното јавно обвинителство Тетово поведе постапка против едно лице осомничено за кривични дела – Загрозување на безбедноста во сообраќајот од член 300 став 4 во врска со член 297 став 3 во врска со став 1 и Неукажување помош на лице повредено во сообраќајна незгода согласно член 301 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Осомничениот, на 6 декември, на регионалниот пат Тетово-Јажинце, не се придржувал кон прописите и со тоа го загрозил јавниот сообраќај и го довел во опасност животот на луѓето. На критичниот ден тој управувал со автомобил Форд ескорт со тетовски регистарски ознаки и по регионалниот пат од Тетово кон село Пршовце возел со брзина неприспособена кон состојбата и условите на патот. Возејќи со поголема брзина низ населено место и по воден коловоз, не успеал навреме да запре, па со предниот десен дел од автомобилот удрил во пешак кој поминувал преку патот. По несреќата осомничениот не застанал за да му укаже помош на повредениот, туку веднаш избегал од местото. Оштетениот од здобиените тешки телесни повреди починал на местото на несреќата.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд Тетово достави предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице, поради опасност тој да се даде во бегство за да го избегне кривичниот прогон. Судијата го прифати предлогот и на осомничениот му определи притвор во траење од осум дена.