четврток, 9. ноември 2023. Вести денес: 0
home Хроника

Во тетовско за само 15 дена изречени 100 мерки за возење без дозвола

Во тетовско за само 15 дена изречени 100 мерки за возење без дозвола

Само за 15 дена се изречени 100 мерки заклучно со денеска на поширокото тетовско подрачје за управување возила без положен возачки испит и валидна дозвола.

Како што информираат од СВР Тетово, претежно станувало збор за млади лица на средношколска возраст, кои управувале патнички возила, најмногу низ градските улици, кон нивните училишта или кон угостителски објекти.

Секторот за внатрешни работи Тетово упатуваат апел, пред сè до младите адолесценти, да се воздржат од управување без положен возачки испит, зашто на тој начин ја доведуваат во ризик сопствената и безбедноста на другите учесници во сообраќајот.

-Покрај ова, на сите возачи им се укажува да бидат докрај внимателни и да ја приспособат брзината според условите на патот, зашто поради долготрајните дождови коловозите се мошне влажни и лизгави, а на поединечни места и полни со вода. Им се советува, исто така, да внимаваат и на пешаците наоколу за да не ги испрскаат со вода, бидејќи тоа претставува прекршок за кој паричната глоба изнесува 35 евра во денарска противвредност, информира портпаролот Марјан Јосифоски.

Сите кои биле откриени се исклучени од сообраќај и изготвени им се поднесоци согласно член 225 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, со кој е предвидена парична глоба од 250 евра во денарска противвредност. Толкава глоба ги очекува и сопствениците на возилата кои им ги дале да ги управуваат, иако знаеле дека немаат дозвола за тоа.